Wednesday

ШВЕДСКИ ДНЕВНИК: Прв ден од моето ново фудбалско искуство


Денес започна моето Шведско искуство.
Една од најсилните лиги во Европа е предизвик што не би сакала да го пропуштам по ниедна цена, нормално. Не само дека е многу поквалитетна лига од шпанската туку едноставно, искуството овде мислам дека ќе биде бесценето и во моето искуство за подоцна, кога ќе треба да ја „одработувам“ УЕФА/ФИФА Тренерската Лиценца.

Па затоа одлучив да го споделам ова мое искуство и со сите мои пријатели кои можеби и ќе им биде и атрактивно сето тоа читање.

Денес ми беше првиот ден, ден на запознавање со екипата. Прекрасно. Љубезни, гостопримливи и пријатно задоволни од моето присуство. Ништо поразлично и од првиот контакт во Леванте ЛП.

Работевме тренинг во Фудбалската Гимназија. 

Со мене работеше и досегашната голманка на екипата, како и двајца голмани од машката екипа.
Работевме само исфрлување со рака, лева и десна. По земја и во воздух.

Подоцна работевме и со нога, нешто што во Македонија никогаш не обрнувавме внимание. Тоа беше една од работите кои ги имам усовршено во Шпанија (и можам да бидам секогаш само благодарна на мојот тренер во Леванте ЛП), бидејќи таму научив дека голманот не е ништо друго сем 11-ти фудбалер, секогаш подготвен за игра во и надвор од шеснаесетникот. Чисто информативно, овде не постојат оние „бековски“, ај да не речам, забранети се. Дури и незгодно ми е да пишам воопшто за нив, бидејќи тоа не постои ниту во шпанскиот, а во шведскиов па ни случајно.

Затоа и тренинзите се специфични за голманите. 
Рака, нога, во секој аспект игра, исфрлување и додавање.
Додавањата со нога во половина и преку половина, мора да бидат исто така прецизни како и со рака. Токму така, мислам на дегажирања со нога прецизни, исто како и со рака. Нешто што исто така го имав совладано во Шпанија, додека во Македонија тоа скоро и да не сме го работеле никогаш со таква посветеност и дисциплина.

Тоа е се`вежбање и понекогаш и макотрпен тренинг.

Последните вежби беа паѓање на лево и на десно, па преминавме на центаршут.

Во вториот дел од тренингот следуваше интересна вежба која ја изведува целата екипа и 4-те голмани. Двајца се на центар, а двајца се на гол. Голманите на центар мора да примат прво пас, па потоа да следи нападот, односно да ја фатиме со рака или да ја украдеме на напаѓачите од спротивната екипа. Многу добра вежба за просторно фокусирање и координација и рефлекс во игра.

На крај завршивме со игра на два гола. Првиот ден одличен, што се однесува до фудбалот. 

А што се однесува до самото аклиматизирање на шведските услови, ќе треба да помине малку време секако. Не е којзнае колку дадно, од што се плашев во смената со медитеранската клима во Барселона, туку ноќ/ден промените ќе биде интересното кое го очекувам како шок за мојот организам.

Одам малку да прошетам низ град... Веројатно и си заслужив после неколкуте добри и прецизни шута кои ги одбранив во играта на два гола, за кои и добив аплаузи. :-) Убав старт :-)

Се читаме утре после тренингот во 17 часот.

(фотографиите ќе следат наскоро, бидејќи сепак не сакам сликањето да ми ја одзема концентрацијата во овие стартни моменти)