Monday

СОНОТ ПРОДАДЕН ЗА 50 ЕВРА !?


Иако веќе со месеци резултатите на македонската фудбалска репрезентација ги следам само статистички, оддалеку, не можам да не искоментирам и да не почувствувам грижа и „одговорност“ за се` што се случува со она за кое секоја фудбалерка копнее - позитивен резултат кој ќе оддекне во женскиот фудбал. Во случајов тоа би бил некој пласман на голем собир или повторно успех во европските купови. 

Тагата ми е многу поголема бидејќи како вчера да беше моментот кога мислевме дека сега е моментот за македонскиот женски фудбал, дека ете дојде и тоа за кое сите сонувавме. Со последниот успех од пред две сезони со екипата во која играв во Македонија, направивме прекрасен продор. Ја победивме осмата екипа во групите од Лигата на Шампионите, обезбедивме пласман во квалификациите за Шведска, се гордеам со тоа што и на еден натпревар во мојата кариера и историја на македонскиот женскиот фудбал УЕФА прогласува токму голман „како играч на натпреварот“, едноставно совршено прекрасно...

И бум...

Сега сум далеку од македонскиот женски репрезентативен фудбал. Нема да коментирам зошто, а и воопшто не сум ни заинтересирана за одговорите. Селекторот си одлучи и нека си ја носи тој таа одговорност.

Но, жал ми е кога ги гледам дека некои даваат максимум, додека други пак ги интересира само „добивката“ на сметката по натпреварот.

Знам дека можеби условите се тие и толку ни се можностите со таквиот однос, но секогаш можеме да извлечеме поука од се` и да зачекориме на повисоко ниво. Дали е ова повисокото ниво? Дали е ова нивото кое наместо да не повлече напред, не не врати години наназад? Дали е ова остварување на македонскиот женски фудбал со повторно порази и порази? А да не се правиме слепи дека тоа „напред“ веќе го чекорат Албанија, Литванија, Латвија,Луксембург и сличните кои некогаш ги победувавме, а денес ни се кошмар од порази. Дали некој воопшто размислува да ја прекине оваа црна серија и зачекори напред?
Очигледно Не.

А сите знаеме каде е проблемот!
Прашањето е зошто ќутиме?
Јас иако далеку од тие приказни веќе, секогаш ќе имам и лице и чувство и храброст да изустам збор повеќе, како што тоа сум го правела тоа и кога бев дел од дружината. Веројатно, сега е веќе помирно, а и „поубаво“ што не сум таму, бидејќи сите сега си ќутат и мирно си се движат од катастрофа во катастрофа. Тажно.

А ДОПРВА ЌЕ СЛЕДУВА НАЈГОЛЕМАТА КАТАСТРОФА, ВО ФЕВРУАРИ 2014-та ВО МАДРИД!

Тогаш со сигурност ќе видиме каде сме во европскиот фудбал. Без најмалку 10 парчиња со ваква поставеност, ангажираност и молчење - нема да поминеме. Барем да го закажеа тој натпревар во почетокот на квалификациите или на крајот, кога ќе можеме да бидеме барем, малку од малку конкурентни. Вака, ние три месеци без тренажен процес, три месеци без ниеден натпревар, три месеци со изгубено чувство за топка, директно на најтешкиот натпревар!?

Па добро, дали некој размислува за тоа? 
И тоа против репрезентацијата која има најголем напредок во Европа. Против репрезентацијата која не прави пауза, сем две недели за Божик и Нова година. Против оние кои ќе бидат во експлозивен тренажен процес и плус тоа во натпреварувачки календар во својата Шпанија.

Дали некој размислува на тоа? Дали некој прави анализа на настапите и прави агенда која е поволна за нас? Или се повторуваат истите работи како и со години наназад, па никој не го ни интересира тоа? 
Очигледно.
Жал ми е што чувствувам дека ќе биде катастрофално лошо. Поради нашето незнаење, поради нашиот лош однос кон фудбалот, поради нашето лошо менаџирање и поради нашето молчење.

Џабе е што јас овде си ја фалам мојата земја, кога таму има некој што „го заболе“ за резултатите.
Селекторите (Менаџерите) си го гледаат својот кеш од натпреварите, а колешките веројатно се задоволуваат со 50-те евра кои ќе си ги добијат од повикот.
Да, да.

Жал ми е за сите вас пријателки, колешки, другарки, девојки со кои сме делеле и добро и зло во сите натпревари, што сите коментирате (инбокс на социјалните мрежи, на кафе, по дома) а сепак не отварате ни збор таму каде што треба.
Жално е што си го распродадовме сонот за 50 евра.

Сумата со кои бевме и сеуште сте „подмирени“ (некои дури и уценувани, дека ако „многу зборат“ нема да добијат „повик“ и нема да добијат 50 евра на сметка)
Толку ли вредеше сонот за фудбалот, толку ли вреди сонот за репрезентацијата?
Ќути и молчи и се` ќе е во ред?
Е, само од тој аспект, драго ми е што го запознав вистинскиот квалитетен женски фудбал и не ми е криво што одамна нема кој „да ме уценува“.
Јас како борец продолжувам напред, но размислете дали вие сте на вистинската патека?
(да не зборувам за моментите во кои ако се повредиме, никој не му е гајле што ќе биде потоа со нас. Сите вие мили и драги девојки ги знаете примерите од нашата репрезентација. Сочувствувам со нивната болка дури и денес кога ќе ми текне, зошто ги нема со најдобрите, ги нема да играат со нас, каде и да е)

А за сонот?

Да, ќе продолжам да го сонувам. Мојот сон ниту можел да се купи за 50 евра, а ниту некогаш ќе го продадам. 
Бесценет е... 
Тоа е љубов, која се вика фудбал и за кој нема да имам никогаш компромис. И денес кога бранам и утре кога ќе водам екипа... 
Фудбалот е мојот живот, за кој секогаш ќе се борам!

А вие? 

Дали го сонувате вашиот сон или веќе пресметавте каде ќе ги потрошите 50-те евра во Мадрид, па макар и загубиле со 20:0?

Драги сте ми и затоа ќе дојдам да навивам за вас и во Мадрид (па макар и загубиле и повеќе од тоа), но време е да се разбудите, бидејќи ова не е сонот што некогаш заедно го сонувавме!